24фудбал

Пандев: Сега пред нас се уште шест финалиња

Горан Пандев со погодок помогна Џенова со 2-0 да го победи СПАЛ и да освои три многу значајни бодови во борбата за опстанок.

Италија

Џенова води грчевита борба за опстанок. На шест кола до крајот имаат само бод повеќе од зоната за испаѓање. Пандев денеска го постигна деветиот гол оваа сезона, иако е ветеран тој е најдобриот стрелец на тимот.

„Навистина беше важно да се добие овој меч. Пред нас имаме уште шест финалиња и се надеваме дека на крајот ќе избориме опстанок бидејќи овој клуб, овие фанови, овие момци го заслужуваат тоа“, вели Пандев.

„Одигравме така како што тренерот побара од нас, сега веднаш мора да почнеме да размислуваме на следниот натпревари бидејќи се уште ништо не сме направиле“.

Пандев даде девет голови оваа сезона досега, таков учинок немал 11 години, па беше запрашан дали се подмладува.

„Дали се подмладувам? Не, наскоро ќе полнам 37 години. Секогаш се трудам да го дадам најдоброто, да им помогнам на момците и да дадам се од себе за овој тим. Најважна работа е да останеме во Серија А“.