24фудбал

Саутемптон го шокираше Јунајтед во 96. минута, ова може да ги чини „ѓаволите“ Лига на шампиони (ВИДЕО)

Манчестер јунајтед испушти два важни бода откако вечерва прими гол во 96. минута и одигра 2-2 против Саутемптон на домашен терен.

Англија

Избраниците на Солшер имаа можност да скокнат на третата позиција по киксовите на Челси и Лестер, беа на добар пат да го сторат тоа но примија гол во последните мигови и испуштија два важни бода во трката за топ четири пласман и местата кои водат во Лигата на шампиони.

Вечерва Саутемптон ги изненади во 96. минута, Обафеми најдобро се снајде по еден корнер и ја затресе мрежата.

Претходно во мечот, Погба изгуби една топка на врвот од шеснаесетникот а Редмонд му асистираше на Амстронг за 0-1 во 12. минута.

„Ѓаволите“ брзо се вратија во игра и за помалку од 180 секунди направија комплетен пресврт. Најпрво Марсијал му асистираше на Рашфорд за 1-1, за потоа самиот Французин да погоди за 2-1.

Манчестер јунајтед потоа имаше неколку шанси предвреме да го реши мечот, а откако не го стори тоа, беше шокиран длабоко во судиското надополнување. Па наместо да се искачи на третото место на табелата, остана на позицијата број пет и овој кикс може да ги чини место во Лигата на шампиони.