24фудбал

Мурињо се изнервира: Зошто вакви прашања не им поставите на Клоп, Пеп или Лампард?

Жозе Мурињо се пожали на нефер третман од страна на медиумите, тренерот на Тотнем се налути откако беше прашан зошто Стивен Бергвајн не е стартер на повеќе натпревари.

Англија

Тотнем синоќа со 1-3 славеше на гостувањето кај Њукасл и остана во трката за местата во Европа. По водството со голот на Сон, домаќините изедначија преку Ричи. Кратко потоа во игра влезе Стивен Бергвајн, кој само неколку минути подоцна испрати перфектна топка а Хари Кејн погоди за 1-2. Англичанецот пред крајот на мечот реализираше по втор пат и ги осигура трите бода.

На средбата со новинарите, Жозе Мурињо беше запрашан зошто Стивен Бергвајн почесто не е стартер, по што следуваше нервозен одговор.

„Видете, ова е прашање што вообичаено ми го поставувате мене, но не и на Лампард, Клоп или Пеп, другите тренери од големите клубови кои имаат големи играчи на располагање. Кога Лампард го игра Пулишиќ, не го прашувате зошто не го игра Хадсон Одои. Кога Пеп ќе го остави Бернардо Силва на клупа, не прашувате зошто Бернанрдо Силва не игра. Се чини дека само јас морам да имам 15 стартери, и само јас не смеам да имам добри играчи на клупата“ - вели Португалецот.

„Ако почнев со Бергвајн, ќе ме прашавте што треба Лукас да направи за да биде старетер или што треба Сон да направи... Ништо не треба да направат, едноставно треба да бидат тимски играчи, а кога сте теимски играчи, некогаш сте стартер, некогаш сте на клупа, некогаш играте половина час, некогаш една минута“.

„Колку пати Нуно го има оставено Траоре на клупа за да победи натпревар во последните 30 минути? Не го прашувате Нуно зошто Траоре е на клупа и зошто игра Жота, Поденсе или Дендонкер. Само мене ме прашувате“.