24фудбал

Сонот на Интер е прилично скап, за пристигнување на Меси на Меаца се потребни најмалку 500 милиони евра!

Медиумите од Италија продолжуваат да пишуваат за преселба на Лео Меси во Интер, се вели дека Кинезите побарале студија колку ќе чини еден ваков трансфер и одговорот е најмалку 500 милиони евра.

Италија

Бепе Марота во неколку наврати порача дека е невозможно Интер да го ангажира Лео Меси, а Антонио Конте изјави дека полесно е да се премести катедралата Дуомо отколку да се купи Аргентинецот, но и покрај тоа, медиумите продолжуваат да пишуваат за преселба на напаѓачот на Џузепе Меаца.

Последните информации велат дека Кинезите побарале студија, Џиндонг Жанг (таткото на претседателот на Интер, Стивен Жанг) сака да знае колку ќе чини еден ваков трансфер.

Според пишувањата на Кориере дела Сера, се работи за операција од најмалку 500 милиони евра, во која влегува обесштетување од околу 150 милиони евра, плус бонуси и провизии како и нето плата од 50 милиони евра годишно (65 милиони евра бруто благодарејќи на новите закони на владата за раст на екомонијата).

Газета дело спорт пак пишува дека Интер ќе треба да одвои само 260 милиони евра за плата, односно четиригодишен договор со нето плата од 50 милиони евра или 65 милиони евра бруто плата.

Доколку и Лео Меси се пресели во Серија А, зделката ќе биде побогата од онаа на Кристијано Роналдо, чиј трансфер го чинеше Јувентус преку 350 милиони.