24фудбал

Ова е протоколот на УЕФА во случај фудбалер(и) да бидат позитивни на коронавирус

Европската куќа на фудбалот има предвидено сценарио доколку фудбалер или фудбалери бидат позитивни на коронавирус, мечевите ќе продолжат да се играат доколку клубот има на располагање 13 фудбалери од А листата.

Лига на Шампиони

Оваа недела беа одиграни реваншите од осминафиналето во Лига на шампиони и Лига Европа, и во следните две недели ќе има Ф8 турнири за да се добие победникот во најелитното и најмасовното европско натпреварување.

Вечерва беа вклучени алармите откако Атлетико Мадрид на ден пред летот за Португалија пријави двајца позитивни на коронавирус. Клубот од „Ванда Метрополитано“ не откри дали станува збор за играчи, но според Марка, барем еден од заразените со ковид 19 е фудбалер, а може да има и нови случаи.

УЕФА има предвидено сценарио доколку фудбалер или фудбалери се позитивни на коронавирус и строги протоколи под кои ќе се игра завршницата.

За Португалија, односно Германија, ќе отпатуваат само оние кои се негативни, а по пристигнувањето во овие земји, на сите ќе им бидат направени нови тестови. Тестови ќе се прават пред секој натпревар, и само оние кои се негативни ќе можат да влезат на стадионот.

УЕФА смета дека натпреварот ќе се игра доколку клубот има на располагање 13 фудбалери (помеѓу кои и голман) од А листата. Дури е дозволено клубот да повика играч кој не е регистриран за натпреварувањето под услов да е регистриран во домашната федерација (на пример Мартин Брејтвајт од Барселона).

Доколку клубот на располагање има помалку од 13 играчи, или нема голман, тогаш натпреварот ќе се одложи. Исто така, мечот нема да се игра доколку здравствените власти наредат целиот тим да оди во карантин.

УЕФА исто така го задржува правото да додели службена победа доколку некој тим не може да истрча на теренот поради ковид 19. Европската куќа на фудбалот ќе го смета за виновен клубот кој пријавил заразени, па тој ќе го загуби мечот со 3-0.