24фудбал

ФФМ и Општина Прилеп влегоа во кавга за стадионот „Гоце Делчев“

ФФМ и Општина Прилеп заедно го градат стадионот „Гоце Делчев“, куќата на фудбалот синоќа соопшти дека тие ги завршиле своите обврски и го предаде на општината но тие не го примија бидејќи сметаат дека задачите кои ги презема федерацијата не се изведени докрај.

Македонија

ФФМ синоќа со соопштение дека целосно ги завршиле своите градежни обврски го предаде стадионот на Општина Прилеп која треба да ја финишира работата додека се добие конечниот изглед на „Гоце Делчев“.

Но од општината излегоа со соопштение дека не го прифаќаат бидејќи ФФМ не си ги завршила обврските во целост.

„Општина Прилеп ја демантира објавената информација на официјалната страна на ФФМ, според која стадионот во Прилеп и’ е предаден на Општината.

Претставници на локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски, заедно со претставници на ФФМ, изведувачите на работите за ставање во функција на рефлекторите и тревникот, денес го посетија Градскиот стадион „Гоце Делчев“.

После извршениот увид, беше констатирано дека треба да се доработи поставувањето на тревникот зад двата гола, чија вкупна површина изнесува околу 1.800 м2, да се преземат дополнителни активности за рамнење на поставениот тревник, како и да се изврши регулирање на прскалките за негово наводнување.

Што се однесува до рефлекторите, факт е дека тие се ставени во функција. Меѓутоа, за запазување на пропишаните стандарди и непречено одигрување на фудбалски натпревари во вечерните часови, потребно е да се изврши фокусирање на светлото од рефлекторите.

Откако ФФМ ќе ги отстрани увидените недостатоци и ќе изврши комплетно завршување на планираните инфраструктурни зафати, Општина Прилеп ќе го потпише Договорот за примопредавање на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ и ќе ги преземе сите преостанати градежни и други активности за негово ставање во функција“, стои во соопштението на општина Прилеп.

ФФМ не се согласува со соопштението на општина Прилеп, па излезе со своја реакција за проблемот:

„Фудбалската федерација на Македонија изразува разочарување од односот на одговорните лица во Општина Прилеп и изјавите споделени од страна на градоначалникот на општината, Илија Јованоски кои се однесуваат на реконструкцијата на стадионот “Гоце Делчев” и договорените обврски меѓу Фудбалската федерација на Македонија и општина Прилеп.

Фудбалската федерација на Македонија не бара благодарност за целокупниот придонес кој го даде во реализација на целиот проект, но очекуваме барем почит и пристоен дијалог, по се што ова раководство на федерацијата направи за реконструкцијата на стадионот и ги исполни сите обврски од договорот.

Како сериозна и транспарентна организација го споделуваме договорот со општина Прилеп за реконструкција на стадионот „Гоце Делчев“ во кој се наведени обврските на договорните страни.

Во однос на точките кои општина Прилеп ги сподели како нереализирани од страна на ФФМ, потенцираме, а тоа е јасно наведено во договорот, дека ФФМ нема обврска за поставување на тревник зад двата гола, но изразуваме подготвеност да го реализираме и тој дел, односно ФФМ да постави тревна површина зад двата гола, во услови кога временските прилики ќе дозволат да се направи тоа.

Во однос на рефлекторското осветлување потенцираме дека по извршените тестови, извештајот од надзорот за осветлувањето потврди дека истото функционира според сите домашни и меѓународни стандарди. 

Една од важните забелешки е дека општина Прилеп треба да изгради трафостаница за снабдување со електрична енергија, а потоа да се изврши фокусирање на светлото за рефлекторите.

Сметаме дека е беспредметно да навлегуваме во расправа или убедување во однос на забелешката за „нивелирање на прскалка“ за тревната површина во услови кога сите присутни и од страна на инвеститорот и страна на надзорот констатираа дека се испочитувани сите стандарди со поставувањето на новата тревна подлога (тревни бусени), модерен дренажен систем и нов автоматски систем за иригација - полевање, нова песочна подлога и тревен бусен од природна трева.

Во продолжение може да го преземете договорот со потпишаните обврски за реконструкција на стадионот меѓу Фудбалска федерација на Македонија и општина Прилеп“, се вели во реакцијата на ФФМ.