24фудбал

Тонали: Кога видов дека имам шанса да заиграм за Милан, ги затворив вратите за сите други клубови

Сандро Тонали е повеќе од среќен што ќе игра за Милан, тоа е клубот од неговото детство и кога слушнал дека може да потпише за нив, ги одбил сите други понуди.

Италија

Големиот италијански талент, Сандро Тонали денеска за прв пат зборуваше пред медиумите како фудбалер на Милан.

„Од местото од каде доаѓам речиси сите навиваат за Милан, вклучувајќи го и мојот татко кој ми ја пренесе таа пасија кога бев дете“, вели Тонали.

„Сакав да го носам овој дрес. Не зборував многу за тоа со претседателот на Бреша, Келино, но тој брзо сфати колку ми значи тоа. Тој ми рече дека ќе ми дозволи јас да го одберам клубот каде сакам да играм и си го одржа зборот“.

„Го замолив да направи напор за мене да се случи овој трансфер и тој го направи тоа. Кога дознав дека имам можност да се преселам во Милан, ги затворив вратите за сите други. Морав да одам во Милан. Морав“.

„Мојот агент преговараше со Интер, но не ми пренесуваше информации за мене за да не ме дефокусира. Откако слушнав за Милан, и тој знаеше дека сум нивен фан, разговаравме и му реков да ја заврши работата за овој трансфер“.

„Гатузо беше мојот идол и се уште е. Бројот осум беше слободен, па го одбрав него бидејќи има и други значења во мојот живот. Самото тоа што работам со Малдини беше навистина шокантна работа за мене“.

„Бев на Сан Сиро на мечот меѓу Милан и Киево кога Сидорф го даде тој гол во последните пет минути. Тоа беше прилично лош натпревар, но тогаш посакав да играм тука“.