24фудбал

Ренова со добра психолошка подготовка ќе проба да го изненади Хајдук

Утре со почеток од 15:30 Ренова има нов предизвик во квалификациите од Лига Европа, излегува на мегдан со Хајдук, мечот се игра на теренот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Лига Европа

Хајдук е фаворит, но Ренова нема да излезе со бело знаме, тренерот Бујар Ислами вели дека пред се психолошки се подготвуваат за овој дуел.

„Не треба да се трошат зборови за Хајдук, тие се фаворити, но ние сме подготвени. Најмногу психолошки се подготвувавме. Верувам дека психолошката подготовка е најважна во овие натпревари кога играте против вакви фаворити“, вели Ислами.

„Ги анализиравме, имаат силни индивидуалци, треба да бидеме претпазливи и на прекините. Желбата и дисциплината ќе бидат наши адути, треба да ги искористиме и нивните слаби точки“.

Тренерот на Хајдук, Хари Вукас верува дека неговиот тим фаворитската улога која ја има на хартија ќе ја оправда и на терен.

„Ние бевме носители во ждрепката и јасно е дека сме фаворити. Но мора тоа да го покажеме и на теренот, од првата минута да се наметнеме на теренот, да ја имаме топката во нозете и да бараме дупка во одбраната на противникот, треба да се обидеме колку што е можно порано да постигнеме гол, тоа ќе ни ја олесни работата“, вели Вукс.

„Не сакам да ја потценам македонската лига, но хрватската е поквалитетна, и ние сме поквалитетна иако против нас ќе имаме компактен тим кој долго време игра заедно. Мора од првата минута да влеземе сериозно, мотивацијата е голема кога се игра во Европа, па не треба дополнително да ги мотивираме играчите“.

Фото: ФК Ренова