24фудбал

Тимот на годината отвара неколку прашалници, пет играчи кои заслужија но не се најдоа

Премиерлигата го објави тимот на годината, а брзо потоа тргнаа и реакциите кои се чини се сосема оправдани.

Англија

Во тимот на годината има дури шест играчи на Манчестер Сити, четворица се на Ливерпул и еден е на Манчестер јунајтед.

Тимот на годината во Премиерлигата можете да го видите на овој ЛИНК.

Има неколку играчи кои заслужија да бидат во тимот на годината, но не се најдоа таму. Ние издвојуваме пет такви.

Алисон Бекер (Ливерпул)

Голман во тимот на годината е Едерсон од Манчестер Сити, но Алисон има подобра статистика од него во сите сегменти. Голманот на Ливерпул 18 пати ја сочува мрежата, прими 20 гола и има 67 одбрани, за разлика од него Едерсон 16 мечеви не прими гол, му дадоа 22 гола и има 50 одбрани. Нејасно е според кои параметри Едерсон е избран во тимот пред Алисон.

Арон Ван Бисака (Кристал Палас)

Тројца од четирите дефанзивци во тимот на сезоната се од Ливерпул, Вирџил ван Дајк и Ендру Робертсон заслужено се таму, но дилемата е за десната бековска позиција на која е избран Александер Арнолд, на негово место можел да биде ѕвездата во најава на Кристал Палас, Ван Бисака.

Арнолд е еден од најдобрите нафрлувачи на топката во Премиерлигата, но дефанзивно не е импресивен. Ливерпул прими неколку голови од негова страна. Арон Ван Бисака има фантастична сезона и е најдобар играч на Кристал Палас. Тој има 120 стартови по кои противниците ја изгубиле топката, тоа е само шест стартови помалку од најдобриот играч во лигата оваа сезона, Ван Дајк. Противниците го поминале само девет пати оваа сезона, за разлика од Александер Арнолд кој го поминале дури 31 пат.

Кристијан Ериксен (Тотнем)

Кристијан Ериксен е еден од најимпресивните играчи во Премиерлигата за кој интерес има од Реал Мадрид. Но и покрај неговиот допринос за успешната сезона на Тотнем, не се најде меѓу најдобрите 11 играчи за разлика од Пол Погба кој и покрај солидната статистика имаше неконзистентна сезона.

Мохамед Салах (Ливерпул)

Мохамед Салах е жртва на високите стандарди кои ги постави минатата сезона и ги собра индивидуалните награди. За него нема место во тимот на сезоната и покрај тоа што е најдобар стрелец во лигата заедно со Обамејанг. Директно е инволвиран во 26 погодоци, 19 голови и седум асистенции. Само три играчи во лигата се инволвирани во поголем број на голови од него. Изоставувањето од тимот на годината во Премиерлигата може да делува мотивирачки за да ја освои Златната копачка.

Еден Азар (Челси)

Можеби изоставувањето на Салах е потег за дебата, но тоа што го нема Еден Азар е скандал. Тој директно е инволивран во 29 голови, 16 погодоци и 13 асистенции. И нема ниту еден друг фудбалер кој е инволвиран во повеќе од 27 голови во моментов. 13 асистенции се највеќе во лигата досега. 

За него се зборуваше дека е кандидат и за играч на сезоната во Премиерлигата, а го нема ниту во тимот. Азар е импресивен оваа сезона, и неговото изоставување е шокантно.