24фудбал

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Формата на Варди ветува многу, ротацијата на Пеп носи дилеми

Претстојниов викенд на програмата е 11 коло во англиската Премиерлига, за натпреварувачите „Фантази Премиерлига“ тоа секако навестува нови возбудувања, а ние имаме нова анализа за кои се најдобрите опции.

Останато

Во претходната анализа имавме дилеми околу Рахем Стерлинг, најмногу поради ротацијата на Пеп Гвардиола која постојано им создава проблеми на натпреварувачите во „Фантази Премиерлига“, Стерлинг имаше настап на дуелот против Астон Вила кој не беше така лесен за Манчестер Сити, не земајќи го во предвид убедливиот триумф од 3-0 кој ни од близу не го осликува текот на тој меч.

Сепак, Стерлинг се запиша во листата на стрелците со еден погодок, а освои 11 бода од претходното коло, неговото издание беше доволно за да се најде во дрим тимот на колото, меѓутоа главна ѕвезда од таа рунда секако беше Џејми Варди од Лестер.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Неверојатниот тим на Брендон Роџерс славеше со дури 0-9 кај Саутемптон, а Варди запиша хет-трик, со што освои фантастични 20 бодаи секако се најде во дрим тимот на колото.

За волја на вистината, во претходната анализа направивме „утка“ со капитенот, но и заменик-капитенот, односно Пјер-Емерик Обамејанг и Николас Пепе, двоецот од Арсенал кој немаше добро издание во ремито против Кристал Палас на домашен терен од 2-2.

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Пепе и Обамејанг го предводат Арсенал на мечот против Кристал Палас

Како и да е, повторно, неколку анализи во низа го надминуваме просекот на бодови во едно коло, па ако во минатото изнесуваше 49, нашиот предлог состав донесе одлични 66 бода.

Толку за претходното коло, а сега ќе се фокусираме на тоа што претстои викендов, а уште во првиот меч од редовното 11 коло во Премиерлигата имаме неколку интересни опции, поточно во Манчестер јунајтед кој гостува кај Борнмут, едната е сигурна, а тоа е Марсијал, другата е Рашфорд, меѓутоа неговиот настап е под знак прашалник, иако навестувањата лично од Солшер се дека тој би можел да биде во комбинација откако се пожали на повреда во победата кај Челси со 1-2 во Карабао купот, каде постигна два погодоци, од кои еден фантастичен од слободен удар.

Статистика за трансфери: Варди е најкупуваниот фудбалер на пазарот и за претстојното коло дури 473.542 натпреварувачи го сместија во нивните тимови. Од друга страна пак Пуки е најпродаваниот фудбалер, односно отстранет од натпреварувачите.


КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Меѓутоа, традиционално, започнуваме со голманската позиција, па така на оваа позиција ќе му дадеме предност на чуварот на мрежата од голот на Барнли, Ник Поуп (4,7) кој со својата и повеќе од скромна цена на пазарот отвора многу алтернативи во останатите позиции при селектирањето на останатите играчи.

Барнли гостува кај Шефилд Јунајтед, екипа која во моментов е најпријатното изненадување во Премиерлигата, меѓутоа истовремено и екипа која тешко постигнува погодоци, за што говори и статистиката. Моментално осмопласираната екипа на табелата во Премиерлигата, од десет меча има примено само осум погодоци, односно има еден повеќе постигнато, со што доволно говори околу пристапот на игра кој го негува Шефилд Јунајтед, кој е цврст, но и доста внимателен.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Продолжуваме во дефанзивната линија каде ќе селектираме четворица, а тргнуваме со Маркос Алонсо (6.2) од Челси, кој со својот тим гостува кај последнопласираниот тим во Премиерлита, а воедно и очаен, Ватфорд кој има неверојатен минус во однос на гол разликата од дури 16, а дека мака мачи да постигне гол доволно говорат само петте погодоци досега.

Иако Алонсо претходното коло беше повлечен нешто поназад, го видовме во одлични ситуации во чувствителната зона во пресметката кај Барнли која Челси ја доби со 2-4, а Шпанецот беше во вистински момент повлечен од игра притоа задржувајќи ги бодовите од клин-шит (без примен гол).

Рикардо Переира (6.2) од Лестер е одлична опција во дефанзивниот ред, често знае да се уфрли на противничката половина и да запише асистенција, па дури и гол. Иако освои бодови само од тоа што неговиот тим не прими гол кај Саутемптон, гостувањето кај Кристал Палас е убава можност за него да се врати на тоа поле, претпоставуваме дека феноменалното издание на Чилвел претходното коло е реткост кај бекот на „Лисиците“, па тешко дека би можел да влезе во низа од два меча со такво издание. Како за потсетување, Чилвел со гол и две асистенции освои одлични 19 бода претходно.

Норич е во сериозна криза откако постигна само два погодока во последните пет кола, а натпреварувачите речиси ја загубија довербата во дотогаш неверојатниот Пуки кој во одреден период беше најдобар во својот скор по феноменалните партии, па така ќе го селектираме Луис Данк (4.6) од Брајтон, ќе потсетиме дека Данк многу добро знае како се игра на противничката половина, а пред две кола во убедливиот триумф против  Тотнем од 3-0 запиша асистенција и вкупно освои 10 бода.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Веќе видовме дека Астон Вила знае и умее како со фаворитите, па очекуваме таа екипа да биде „тврд орев“ за тимот на Јирген Клоп, Ливерпул кој дефинитивно ќе мора да се помачи на гостувањето во сабота, токму од тие причини ќе избегнеме да одбереме некој од тимот на „Редсите“ во одбраната.

Петорката во средниот ред го започнуваме со Јури Тиелеманс (6.5) од Лестер, фудбалер кого го најавивме уште во првата анализа во воведните кола од Премиерлигата, а Белгиецот ги оправда очекувањата, а можеби и се надмина себе си. Гостувањето кај Саутемптон е нова можност за него да продолжи со својата одлична форма, а можеби и да го запише третиот гол во низа во Премиерлигата.

Ентони Марсијал (7.6) од Манчестер јунајтед се врати, а со тоа повторно се врати и на бодовите, откако во претходното коло во победата кај Норич постигна еден погодок, а со оглед на тоа што промаши од белата точка освои само шест бода, а можеше и повеќе од тоа. Со оглед на фактот што Французинот на играта се води како фудбалер од средниот ред, а во реалноста игра како напаѓач, тоа е голема причина кај нас за да го селектираме, бидејќи нуди можност за поголеми бодови во однос на напаѓач.

Веќе анализиравме околу дилемите за Мохамед Салах или Садио Мане (11.9) од Ливерпул, заклучивме дека со оглед на цената, но и формата, дефинитивно изборот паѓа на Сане кој воедно досега има два бода повеќе во однос на својот соиграч. Тешкото гостување кај  Астон Вила, барем такво претпоставуваме дека ќе биде, веројатно е дека клучниот одговор ќе го има токму Сенегалецот кој знае како во такви натпревари, што не важи истото и за Салах.

Ротацијата на Пеп Гвардиола им создаде големи главоболки на натпреварувачите во „Фантази Премиерлига“, на „Итихад“ викендов гостува Саутемптон, екипа која претходното коло прими дури девет гола на сопствен терен од Лестер, а во средината на оваа седмица загуби токму од Манчестер Сити со 3-1, Саутемптон нема што да бара во Манчестер, веројатно прашањето е со колку гола во својата мрежа ќе си замине од ова гостување.

Како и да е, еден многу важен детал би требало да го имаме во предвид за саботниот меч во Манчестер, а тоа е убедливата победа против Ватфорд од 8-0 за тимот на Гвардиола во шестото коло каде каталонскиот тренер не му даде ниту една минута прилика за настап на Рахем Стерлинг, нешто што би можело да се случи и викендов, за да ја поштеди ѕвездата за да помогне да се решат сите дилеми во групната фаза од Лигата на шампионите, односно гостувањето кај Аталанта, а за три дена потоа и гостувањето кај Ливерпул во следното коло од Премиерлигата, што би било директен дуел со најголемиот ривал за титулата.

Многу прашалници, но малку одговори, истите ги знае само Пеп Гвардиола, но, ние на некој начин би ризикувале, па би го селектирале Ријад Марез (8.5), кој во убедливите победи на „Граѓаните“ досега бележеше одличен скор. Против Ватфорд (8-0) запиша гол и две асистенции, а против Вест Хем (0-5) на стартот од новата сезона реализираше дури три асистенции. Веројатно е дека Пеп редовно ќе го користи Алжирецот во „лесните“ натпревари за Манчестер Сити, па така би требало да биде и викендов.

И покрај одличното издание зачинето со хет-трик од страна на Пулишиќ во победата на Челси кај Барнли, предност од редовите на Челси ќе му дадеме на Мејсон Маунт (6.9) кој во претходното коло запиша само асистенција која му донесе вкупно пет бода. Ватфорд е фантастична шанса за Челси да стигне до нова победа и продолжување на одличната форма, односно да запише петта победа во низа во Премиерлигата.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Со оглед на тоа што селектиравме петмина во средниот ред, се префрламе на двете преостанати опции во нападот, таму место ќе има за Џејми Варди (9.3) од Лестер, односно Тами Абрахам (7.8) од Челси, а вам ви препуштаме добро да размислите за Маркус Рашфорд кој игра во одлична форма, но постои мала неизвесност околу неговиот настап против Борнмут во сабота.

 

Предлог состав: ПОУП (4.7); АЛОНСО (6.2), ПЕРЕИРА (6.2), ДАНК (4.6); МАРСИЈАЛ (7.6), МАНЕ (11.9), ТИЕЛЕМАНС (6.5), МАРЕЗ (8.5), МАУНТ (6.8); ВАРДИ (9.3), АБРАХАМ (7.8).

Капитен: ВАРДИ

Заменик-капитен: Марез


КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Вообичаено како и во претходните наши изданија, анализата ја завршуваме со информации околу моменталната ситуација во лигата на Македонија, како и онаа на „24фудбал“.

Ненад Цветковски со 618 бода во моментов е лидер во Македонија, а имате можност да го проследите и неговиот состав од претходното коло.


Во лигата на „24фудбал“ прв е Никола Николовски со досега освоени 603 бода, па еве го и неговиот избор.


Среќно до сите натпреварувачи во претстојното коло, не заборавајте да се приклучите во лигата на „24фудбал“, кодот е следен: ah7lqe