24фудбал

Адвокати ја спасувале ситуацијата со Анчелоти, бесниот Де Лаурентис сакал брзи мерки од клубот

Алан, Мертенс и Каљехон се наведуваат како фудбалери кои ја имале главната улога во бојкотот за прекин на карантинот кој беше предвиден по мечот со Салцбург до дуелот со Џенова викендов, меѓутоа наместо да се вратат во тренинг центарот на клубот, тие се упатија кон нивните домови, Анчелоти јавно ги поддржа и наведе дека е против идејата за карантин.

Италија

Клубот каде настапува нашиот репрезентативец Елиф Елмас, Наполи минува низ еден доста турбулентен период, откако шефот на стручниот штаб на италијанскиот вицепрвак, Карло Анчелоти јасно застана во одбрана на своите избраници кои го „бојкотираа“ планираниот карантин од страна на клубот.

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис стави дознаење дека ќе има одговорност за тие случувања, а најави и казни, во соопштението прецизно се наведе токму Анчелоти кому му била доверена таа одговорност, а се шпекулираше дека Де Лаурентис имал конфронтација со Алан, кој се наведува дека бил еден од „главните“ во бунтот во соблекувалната, а расправијата наводно излегла од контрола.

СООПШТЕНИЕТО НА НАПОЛИ

Во Италија пишуваат дека првиот човек на Наполи бил подготвен да му врачи отказ на Анчелоти, меѓутоа многу работи се промениле по разговорот кој го имал со адвокатите на клубот.

„Газета дело Спорт“, како и „Кориере дела Сера“ наведоа дека Де Лаурентис бил бесен на ситуацијата која се одвивала во соблекувалната, па сакал да се ослободи од услугите на Анчелоти само неколку часа по ремито против Салцбург во Лигата на шампионите.

„Ла Газета дело Спорт“ пренесе дека Де Лаурентис верувал дека Анчелоти ја загубил соблекувалната во тимот, а воедно не знаел како да ја врати почитта од фудбалерите.

Сепак, пресуден бил разговорот на Де Лаурентис со неговите адвокати, кои го советувале да почека извесен период пред да донесе некаква одлука за ситуацијата во клубот.

Исто така се наведува дека адвокатите јасно му ставиле дознаење на Де Лаурентис дека тој ќе мора целосно да го обештети Анчелоти за до крајот на актуелната сезона во случај клубот да му врачи отказ, а не се исклучуваат и други консеквенции за Наполи.