24фудбал

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Ингс може да го сопре залетаниот Барнли

26 коло во англиската Премиерлига е „поделено“ на два викенда, тоа секако не наидува на воздишки кај натпреварувачите во „Фантази Премиерлигата“ кои сигурно би посакале сите натпревари да се играат уште викендов.

Останато

Добредојдовте во уште една анализа на „24фудбал“ како помошна алатка за сите натпреварувачи од нашата земја во мега популарната „Фантази Премиерлига“, која брои близу осум илјади натпреварувачи од нашата земја, што е бројка за респект.

Најнапред ќе направиме краток рекапитулар од претходната анализа, па така бележиме уште една успешна анализа во низа, со тоа што овој пат нашиот предлог-состав сумирано со бодовите од капитенот Салах освои вкупно 62 бода, во коло каде просекот на освоени бода изнесуваше 47.

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Вилсон и Грилиш на мегдан, Салах прв избор за капитен

Од селектираните, ќе го посочиме најпрво Мохамед Салах, кој постигна два погодоци во победата на Ливерпул на домашен терен над Саутемптон со убедливи 4-0, а Егијпанецот со тоа што беше играч на мечот, заработи и дополнителни три бонус бода, со што заокружи вкупно 16 бода.

Дин Хендерсон „царуваше“ на голот на Шефилд Јунајтед во минималната гостинска победа кај Кристал Палас, забележа и три успешни интервенции, а на крајот исто и како Салах, се здоби со епитетот „најдобар“ на мечот, со што по добиените три бонус бода, запиша вкупно 10 бода од неговото издание, со што во моментов е на првото место по бројот на освоени бода кај голманите.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Како вовед во селектирањето, ќе ги коментираме и случувањата во однос на трансферите, а за тоа секогаш прецизно се погрижува официјалниот сајт на „Фантази Премиерлигата“, каде ќе воочиме дека воопшто не се изненадување потезите на натпреварувачите.

Салах е најкупуван фудбалер за претстојното коло, а по него следи токму Хендерсон кој брани во одлична форма на голот на Шефилд Јунајтед, а водечката тројка на оваа листа ја комплетира Фирмино, барем до овие моменти, иако не е исклучена можноста да има одредени промени до утре.

Мане е фудбалерот од кого најголем број од натпреварувачите се ослободуваат ова коло, иако помалку чудно зошто некои натпреварувачи чекаа во однос на исходот од повредата на Сенегалецот кој не беше во комбинација за настап и претходното коло. По него следи Варди, кој игра во очајна форма, за водечката тројка по оваа статистика да ја заокружи Ландстрам.


Доколку го проследите распоредот на 26 коло од Премиерлигата, за момент ќе ви падне чудно тоа што претстојниов викенд ќе имаме можност да проследиме само четири натпревари, за дури идниот викенд, почнувајќи од петок, а завршувајќи до понеделник, да ги проследиме и преостанатите пет натпревари со што ќе се спушти завесата од ова коло.

Од тоа што го гледаме, веројатно нема подобра можност за бодови од клин-шит, односно меч без примен гол за голманите или дефанзивците од оној помеѓу Евертон – Кристал Палас, гостите играат доста тешко изминатиов период, а домаќините би било изненадување доколку примат гол во сопствената мрежа.

Вест Хем заборави како е да се радува на победа во  Премиерлигата, а за ситуацијата да биде уште полоша за нив, следи гостување кај Манчестер Сити, кој не може да се пофали со одлична сезона, меѓутоа во недела составот предводен од Пеп Гвардиола нема право на кикс против аутсајдерот, а повредата на Рахем Стерлинг, кој нема да биде во комбинација за настап, не би требало да претставува голем проблем за „Граѓаните“ кои имаат повеќе опции на клупата.

Меѓу другото, во иста конотација како и за очекувањата од мечот на Евертон, истото го мислиме и за гостувањето на Ливерпул кај Норич, последно пласираната екипа на табелата во Премиерлигата во моментов.

Дербито на колото се игра помеѓу Челси и Манчестер јунајтед, не овој, туку идниот понеделник во вечерниот термин од 21,00 часот.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Веќе наведовме во воведот пред самава селекција, речиси и да немаме никакви дилеми во тоа дека Кристал Палас би имал тешка мисија да постигне гол на гостувањето на „Гудисон Парк“ кај Евертон, па најмногу од таа причина ќе го селектираме голманот на „Карамелите“, Џордан Пикфорд (5.3), иако кај нас, свежи се сеќавањата кога испушти бодови од клин-шит на пресметката со Њукасл кога прими два гола во сопствената мрежа во една минута од судиското продолжение, во самиот финиш од мечот.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Би било чудно од наша страна да не започнеме со Трент Александер-Арнолд (7.7) од Ливерпул во однос на селектирањето фудбалери од дефанзивната линија. Водечкиот состав во Премиерлигата ова коло гостува кај Норич, екипа која во првото коло разочара многу натпреварувачи со голот на Тимо Пуки кој им откина на многумина драгоцени бодови за клин-шит, односно меч без примен гол за дефанзивците, или голманот на Ливерпул.

Серж Орие (5) игра одлично под кормилото на Жозе Мурињо во Тотнем, францускиот бек има низа од три меча по шест бода на своето конто, а гостувањето кај Астон Вила која не важи за тежок противник, е нова можност за Орие до нови бодови од клин-шит. Дополнително, самата негова ефтина цена на пазарот е одлична можност за сите натпреварувачи да остават простор за поскапи засилувања во другите позиции.

Фактот што Кристал Палас шест меча во низа не знае за победа во Премиерлигата, како и тоа што на последните два меча пред своја публика, освен што загуби, не постигна ниту еден гол, е дополнителна мотивација за нас да го селектираме бекот на Евертон, Лукас Дињ (5.8). Стандарден, а воедно и доста опасен на противничките половини, Французинот е една одлична опција за ова коло.

Доколку очекувате клин-шит за Џон Ландстрам (5) од мечот на Шефилд Јунајтед на домашен терен против Борнмут, верувајте дека тоа ќе биде доста тешка мисија за домаќините, кои пред себе како противник имаат една доста мотивирана екипа, како и фудбалери кои го спасија својот тренер во последен момент од отказ, поради двете победи во низа, а сигурно ќе имаат мотиви за докажување и во недела. Сепак, ќе го селектираме Ландстрам најмногу од тоа што ќе мора да даде максимум од себе за победа на Шефилд Јунајтед, за него е добро познато дека иако станува збор за дефанзивец, во реалноста настапува во средниот ред, а често го гледаме во прилика да постигне гол, како и асистенција.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Ова коло акцент ќе ставиме на средниот ред, таму сосема логично ќе започнеме со Мохамед Салах (12.7) од Ливерпул, кој со својот тим идната сабота гостува кај Норич, а Египјанецот е одлична опција и за капитентската лента ова коло, иако голема е можноста да се врати од повреда и неговиот соиграч Садио Мане. Салах го најавивме како подобра опција од Мане уште од пред неколку кола, тие очекувања се остварија, а Египјанецот на последните четири меча постигна исто толку погодоци, „апстинираше“ во победата кај Вулверхемптон каде не запиша ништо повеќе од 2 бода.

Во оваа анализа ќе прекршиме една пракса која досега ја употребувавме, а тоа го правевме доста успешно, постојано наведувајќи дека не треба да селектирате фудбалери од составот на Манчестер Сити, најмногу поради лудата ротација на Пеп Гвардиола, иако имавме и мини-обиди да користиме некоја варијанта од таа екипа досега. За ова коло го препорачуваме Кевин Де Брујне (10.7), а дуелот на домашен терен против Вест Хем за Белгиецот значи можност за големи бодови на своето конто. Ќе наведеме дека во последниот меч пред своја публика, „Граѓаните“ киксираа и одиграа само реми против Кристал Палас, а Де Брујне самиот беше целосно влезен во сивилото на актуелниот првак на Англија.

Сон (10) игра во одлична форма, а неговиот Тотнем гостува кај Астон Вила, која сигурно докрај на првенството ја очекува битка за опстанок во елитното друштво. Сон има низа од два меча на кои постигна гол, односно, во домашните победи над Норич и Манчестер Сити, а ние повторно очекуваме од него бодови за претстојното коло.

Ришарлисон (8.1) се врати од повредата, а Бразилецот повторно е на располагање за Карло Анчелоти и Евертон, меѓутоа неговото враќање минатото коло по два меча пауза не го одбележа со погодок или асистенција, веројатно дуелот со индиспонираниот состав на Кристал Палас, и тоа на домашен терен е убава можност на Бразилецот за такво нешто.

Веројатно би се изненадиле од последната наша одлука во средниот ред, со оглед на фактот што ова коло препорачуваме формациска поставеност од 4-5-1, во овој дел од позициите ќе го препорачаме Бруно Фернандеш (8) од Манчестер јунајтед, кој со својот тим гостува кај Челси идниот понеделник.

Доколку го проследивте дебито на Португалецот во дресот на „Црвените ѓаволи“ во дуелот без голови на домашен терен против Вулверхемптон, ќе воочевте дека тој доби огромен слободен простор за сопствената игра која ја негува од страна на Оле Гунар Солшер, речиси како сите да беа во сенка на неговото издание, а тоа што беше фудбалерот со најмногу упатени удари кон голот на гостите, доволно говори колку беше активен, а ова коло, очекуваме уште повеќе од него.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Дени Ингс (7) и Саутемптон имаат одличен распоред во продолжение, а ова коло таа екипа на домашен терен го пречекува составот на Барнли, екипа која во последните три кола славеше над Лестер и Манчестер јунајтед, а одигра реми без голови со Арсенал, меѓутоа очекуваме нивната серија да заврши токму ова коло, поточно идниот викенд, а за тоа посебно треба да се погрижи Ингс, кој три меча во низа нема постигнато гол, и сигурно ќе посакува крај на таа негативна низа.

 

Предлог-состав: ПИКФОРД (5.3); АРНОЛД (7.7), ОРИЕ (5), ДИЊ (5.3), ЛАНДСТРАМ (5); САЛАХ (12.7), ДЕ БРУЈНЕ (10.7), СОН (10), РИШАРЛИСОН (8.1), ФЕРНАНДЕШ (8); ИНГС (7)

 

Капитен: МОХАМЕД САЛАХ

Заменик-капитен: ДЕНИ ИНГС

 

Традиционално, за крај ќе направиме еден краток осврт на случувањата во генералната лига на „Македонија“, како и онаа на „24фудбал“.

Во генералната лига на „Македонија“, на првото место на табелата е Давид  Трајчевски со досега освоени 1559 бода, а освен табелата во лигата, ви го претставуваме неговиот избор од претходното коло.


Што се однесува пак до моменталната ситуација на табелата во лигата на „24фудбал“, таму на првото место е Бојан Јовановиќ со досега освоени 1537 бода, имате можност да го проследите и неговиот избор од претходното коло.


Среќно до сите натпреварувачи и ова коло, не заборавајте да се приклучите во лигата на „24фудбал“, кодот е следен: ah7lqe